Двајца американски астронаути вчера биле испратени на „вселенска прошетка” со цел да ја поправат роботската рака на Меѓународната вселенска станица, соопшти американската вселенска агенција НАСА.
Астронаутите Ренди Бресник и Марк Ванде Хај го започнале своето патување во 14.05 по централноевропско време кога ги активирале батериите на своите астронаутски костуми и излегле во вселенскиот простор. Нивната мисија траела шест и пол часа. Ова е прва од трите „вселенски прошетки” планирани во текот на следните две недели.
Тие успешно ја замениле роботската дланка на големата роботска рака која е произведена во Канада. Механизмот за прифаќање на дланката лошо функционирал во август.
Раката е долга 18 метри и има пресудна улога во функционирање на вселенската станица. Таа исто така служи за да ги „фаќа“ леталата кои редовно доаѓаат и ја снабдуваат станицата. Раката која добро служела повеќе од 16 години започнала да покажува знаци на умор, па затоа НАСА сака таа да биде во совршена работна состојба со цел да може да го прифати американското вселенско летало за снабдување следниот месец.
Ова е вкупно 203-та вселенска прошетка во историјата на Меѓународната вселенска станица.
Поврзани артикли