Покрај телефоните Pixel и Home уредите, Google на својот вчерашен настан претстави и неколку изненадувања. Помеѓу нив се најде и Google Clips камерата која користи вештачка интелигенција со цел да ги бележи интимните моменти кои корисникот не е во можност да ги “улови” во даден момент.
Камерата е креирана со цел да сними видео без звук со лицата и миленичињата кои ги познава. Како што беше покажано во демонстрацијата во текот на презентирањето, Google Clips е наменет пред сè за родители и сопственици на миленичиња кои не сакаат да испуштат ниту еден драгоцен момент со нив.

Снимената содржина може да се експортира како видео, фотографија или GIF, а камерата доаѓа во двобојна бела и тиркизна варијанта, со батерија која овозможува три часа непрекинато користење. Google Clips поседува 12MP сензор и објектив од 130 степени. Тука е и 16GB интерната меморија.
Камерата е моментално компатибилна со Pixel телефоните, iPhone 8 и 8 Plus, како и Samsung Galaxy S7 и S8.
Google Clips ќе биде достапна по цена од 249 долари.