Повеќе од 10.000 луѓе досега ја имаат преземано апликацијата „Слико збор“, која ја изработи петнаесетгодишниот Даријан Шекеров од Скопје за да им помогне на децата со аутизам и пречки во говорот.
Даријан аплицијата ја изработил на свои 14 години со цел да им ја олесни комуникацијата на овие деца со семејството и околината. Со оваа апликација тој има учествувано на натпревар за млади пронаоѓачи, каде меѓу 3.000 учесници победи во категоријата „борба против болести и глад“.
„Со оваа апликација се олеснува комуникацијата на тие деца со нивното семејтсво и околината. Ја направив по барање на родителите и здружението за деца со аутизам и пречки во говорот. Лесна е за користење и е бесплатна. Апликацијата „Слико збор“ имам намера и понатаму да ја надоградувам. Таа работи така што одредената тема за која се интересирате ја одбирате со кликање врз фотографијата за истата и од неа излегува глас , позајмен од мојата сестра Срна која ја опишува фотографијата, изјави младиот македонски гениј за српски Телеграф.
Тој за „Телеграф“ вели дека со срце ја правел оваа апликација се со цел да им помогне на децата со аутизам и пречки во говорот, поради што неговиот труд го нарекол „од деца за деца“. Неговата апликација ја призна и министерството на образование, а ја применуваат родители, логопеди и наставниците во специјализираните училишта за деца со посебни потреби.