И покрај многуте обиди да биде заменет со друг материјал, асфалтот останува најдобар и најевтин материјал за патишта. Чувствителни на топлина, мраз, УВ светлина и механички удари, асфалтните патишта имаат релативно краток животен век, барајќи поправки и замена во редовен временски период.
Швајцарските инжинери велат дека можеби нашле нова формула за асфалт кој се поправа самиот од себе. Асфалтниот бетон е мешавина од кршен камен и полуцврст материјал асфалт или битумен, кој служи како материјал за поврзување. Во облик на густа паста, загреаната смеса се поставува на компактна основа и се порамнува со тешки ваљаци.
Тој материјал брзо се лади и стврднува создавајќи глатка површина за автомобилските гуми. Но, со текот на времето – сонцето, водата, мразот и тешките возила предизвикуваат пукнатини кои се шират и создаваат несакани дупки на патот. Швајцарските научници тврдат дека поправките би можеле да бидат многу побрзи кога би уследиле додека пукнатините се сосема ситни, односно широки помалку од еден милиметар. Тогаш асфалтот би можел да трае два пати подолго.
„Идејата е да се фокусираме на материјал за поврзување, да обезбедиме да се загрее толку што ќе стане течен и лесно ќе тече како би ги затворил пукнатините. Значи, идејата е да имаме наночестички споени со овој поврзувачки материјал“, вели Етијен Жофро од Цирих.
Во својата лабораторија Жофро покажува како напукнат самообновувачки асфалт под топлина формира силен поврзувачки материјал: „Благодарение на овој едноставен процес патиштата би биле затворени само неколку часа. Камиони со магнето поле за неколку секунди би го загреале патот до температури на кои поврзувачкиот материјал би преминал во течна состојба“.