Најпознатата веб страница за протекување на тајни информации, Викиликс, претрпе сајбер напад од страна на групата OurMine, откако Асанж ги предизвика хакерите да ја нападнат, тврдејќи дека е непробојна.
Сега посетителите на wikileaks.org се пренасочени на станица создадена од OurMine, кои тврдат дека ги хакирале само затоа што сакале да го остварат предизвикот.
Групата спровела напад познат како „ДНС труење“ накратко во четвртокот наутро. На својот Твитер профил објавија дека „од Викиликс ги предизвикале да ги хакираат пред неколку месеци, а работеле на хакирањето долго време“.
„Моментално работиме на набавување на тајни информации и мејлови од Викиликс, но засега добиваме пораки кои се наменети за нивниот прес тим“, велат хакерите.
Ова е последниот од серија големи хакерски напади на OurMine, кои досега ги пробија профилите на извршните директори на Фејсбук, Гугл и Твитер и објавуваа своја содржина.
Групата вообичаено објавува порака дека „ја тестира безбедноста на жртвата“, за што често се нудат и награди. Неодамна бараа пари за да не објават содржина на телевизиската мрежа ХБО, која беше хакирана неколку пати од различни групи изминатиов месец.