Интернетот преку мобилните телефони е сè подостапен и побрз, па сè почесто го користиме кога сме во движење, за работа или за забава… Со новите технологии брзината на интернет станува сè поголема, што овозможува симнување на големи количини податоци: документи, видеа, фотографии, со таква леснотија што не ни забележуваме дека се работи за големи фајлови – кои трошат многу повеќе мегабајти за разлика од порано. И често се случува да го потрошиме на половина месец пакетот што порано ни траел цел месец, а ги имаме истите интернет-навики. Постојат неколку едноставни трикови за рационално користење на мобилниот интернет кои ако ни прејдат во навика, ќе ни заштедат време и пари.
– Вклучете автоматско предупредување за искористеност на интернет-сообраќајот. Повеќето Андроид-телефони имаат вградена алатка за следење на интернет-сообраќајот, додека iOS на Apple (ајфоните) покажуваат само вкупна искористеност на интернет, но за приказ можат да се симнат посебни апликации за таа цел (на пр. My Data Manager, DataMan, Data Usage и др. преку Apple Apps Store). Потоа ќе знаете дали некоја апликација би ја користеле и понатаму преку мобилниот интернет или само преку Wi-Fi, односно би знаеле која колку троши.
– Отворајте ги мобилните верзии на веб-страниците. Тие верзии се соодветно адаптирани за екранот на мобилните, но и при симнувањето се „полесни“ и помалку трошат интернет. За да пристапите директно на мобилните верзии на страниците, можете да напишете во пребарувачот www.m. пред името на страницата. Дури и ако страницата ве пренасочува кон десктоп-верзијата, подобро останете на мобилната верзија.
– Поставете ги соодветно или исклучете ги „push notifications“ (автоматските пораки). Дали сакате да добивате известувања автоматски и без да биде вклучена апликацијата? Тоа е корисно за поштенското сандаче за пораки од работа, но за оние што се постојано активни на неколку социјални мрежи и апликации – ФБ, Инстаграм и Твитер, нотификациите повеќе од потребно го трошат вашиот интернет-сообраќај. Така, ако сакате подолго да ви трае интернетот на мобилниот, исклучете ги автоматските нотификации, автоматското апдејтирање и други слични нотификации што не ви се потребни во секое време.
– Компресирање на податоците: Одделни апликации можат да ги компресираат податоците при нивното користење на смартфоните и други уреди. Од „Гугл“ велат дека пребарувачот Chrome има таква опција со која значително се намалува потрошувачката на мобилен податочен интернет до околу 50%. Оваа опција (Data Saver) ќе ја најдете во поставките на самиот пребарувач. Така нема постојано да ви се троши интернетот непланирано.
– Внимавајте при стримингот: Содржините што директно ги гледате преку интернет, како видеа, филмови, видеоигри, се едни од поголемите „виновници“ за брзото трошење на интернетот. На пример HD-видео кое го гледате директно преку интернет за многу кратко време може да потроши голем дел од вашиот мобилен интернет. Истото може да се случи и при слушање музика или прегледување висококвалитетни слики, фотографии, гифови, преку социјалните мрежи. Оттука, многу ќе заштедите доколку одделни содржини претходно ги снимите и складирате на вашиот смартфон, а исто така може да се постави понизок квалитет на видеата или пониска резолуција за страници, како што е „Јутјуб“, преку кои овие видеа директно ги гледате.
Извор: Факултети.мк
Поврзани артикли