Купувањето „кока-кола“ ќе стане уште позабавно. Според глобалниот директор за дигитални иновации на Coca-Cola, Грег Чемберс, компанијата наскоро ќе тестира паметни автомати за продажба на пијалаци.
Машините од новата генерација ќе работат со апликација преку која корисниците ќе можат да нарачаат „кока-кола“ или некој друг пијалак и истиот потоа да си го земат од најблискиот автомат. Автоматите ќе бидат програмирани со различни „карактери и личности“ во зависност од локацијата. На пример, автоматот на некој универзитетски кампус ќе биде шеговит, додека oние во болница ќе бидат пред се услужливи.
„Ние луѓето градиме емотивни односи со машините и со производите. Сега тоа ќе можеме да го правиме на нов и возбудлив начин. Треба да уживате во купувањето ‚кока-кола’ исто колку што уживате во пиењето“, велат од Coca-Cola.
Според Чемберс, новите машини ќе бидат поставени на кампуси во САД во текот на наредните две недели, како и на други локации во Австралија и во Нов Зеланд. Употребата на проширената реалност кај автоматите е последниот потег на Coca-Cola да се фокусира на технологијата. Изминатите години компанијата се обидува да го смени начинот на кој луѓето уживаат во нивните производи.
Новите машини не само што ќе го подобрат корисничкото искуство, туку ќе на компанијата ќе и обезбедат изобилство од информации за навиките на корисниците.
„Целта ми е да ги придвижувам границите и да туркам напред. Проширената реалност е основа за се што правиме ние. Ние креираме интелигентно искуство. Проширената реалност е компјутерот кој го овозможува сето тоа искуство“, вели Чемберс.
ИЗВОР: Иновативност.мк
Поврзани артикли