Заоблениот монитор моментно е достапен на американскиот пазар по цена од 1.099 американски долари
Acer кон крајот на 2015 година претстави 35-инчен монитор за гејмери – Predator Z35 кој меѓу останатото се одликуваше со заоблен екран со FHD резолуција (1.920 x 1.080 пиксели). Сега, во средината на 2017 стигнува нов модел што во продолжение на името доби дополнителна буква – „P” и панел со поголема QHD резолуција (3.440 x 1.440 пиксели).
Мониторот е опремен со 35-инчен заоблен 100-херцен AMVA дисплеј од компанијата AU Optronics. Мониторот има формат на страните 21:9 и закривеност 1800R. Благодарејќи на поддршката за G-Sync технологија и помалото оверклокување на Acer, брзината на освежување се движи во распон од 30 до 120 Hz.
Predator Z35P има контраст 2.500:1, осветлување од 300 cd/m2, видливи агли од 178 степени (хоризонтално и вертикално), брзина на одзив од 4 ms, 100 процентна поддршка за sRGB спектар и поддршка за 8-битни бои. Acer во конфигурацијата додаде и USB 3.0 hub со четири портови и два звучника од 9W со поддршка за сопствената True Harmony технологија.
Мониторот моментно е достапен на американскиот пазар по цена од 1.099 американски долари, а наскоро би требало да стигне и на останатите пазари. Деталните спецификации се достапни на официјалната интернет страница на производителот.