Кон крајот на минатата година Google ја претстави новата можност за Chrome прегледникот на Android платформата – подготовка на страниците за подоцна, офлајн читање. Сега, речиси половина година подоцна Google дополнително го поедностави целиот процес.
Имено, од сега е можно со долго допирање на некој линк да се подготви страницата за подоцнежно читање кога корисникот ќе се наоѓа во подрачје во кое нема интернет. Дополнително, ако во моментот на подготовка на страницата корисникот се најде во такво подрачје, освен известувањето дека моментно е офлајн, ќе се појави и копчето Download Page Later.
Со допирање на споменатото копче, Chrome за Android ќе запамети на која страница сте сакале да и пристапите кога сте останале без Интернет врска и по враќањето на конекцијата, истата автоматски ќе ја преземе на уредот на корисникот. Во случај да заборавите на неа, тука е потсетникот што се појавува при отворањето на нов таб (страница) и кој содржи листа на неодамна преземенетите фајлови и подготвените артикли.
Новата опција им е достапна само на оние корисници кои на своите Android уреди ја инсталирале најновата верзија на Chrome за Android – Chrome 58, а која како и секогаш е достапна преку Play Store продавницата.