Станува збор за најсилната ракета на светот и претставува пресвртна точка за самата компанија, но и за приватниот сектор за вселенски патувања во целост.

Најголемата ракета на компанијата SpaceX ќе биде лансирана денеска од Kennedy Space Center на Флорида. Станува збор за најсилната ракета на светот и претставува пресвртна точка за самата компанија, но и за приватниот сектор за вселенски патувања во целост.

Настанот беше најавен уште во 2011 година кога основачот на SpaceX, Илон Маск, вети дека ќе биде изградена и лансирана 70 метри висока ракета под името Falcon Heavy, наследник на актуелниот Falcon 9, кој активно учествува во вселенски (воени и цивилни) програми на американската влада.

Специфичноста на Falcon 9 е во тоа што ракетата може да се користи повеќе пати, што претставува темел за намалување на цената на вселенските патувања.

Falcon Heavy се состои од три јадра како она на Falcon 9, што на ракетата ѝ дава дополнителна јачина, а ќе може да понесе и до 63 тони товар. За да биде ситуацијата поинтересна, SpaceX во ракетата Falcon Heavy ќе превезе модел од електричниот автомобил Tesla Roadster.

Доколку Falcon Heavy се покаже како успешен проект, компанијата на Маск може да смета на тоа дека во својата флота има ракета која е доволна силна да го однесе човекот на Марс. Исто така, користењето на оваа ракета изнесува 90 милиони долари, што е доста малку во споредба со стандардната цена на едно вселенско патување.

За споредба, едно лансирање на втората најсилна ракета во светот, Delta IV Heavy на компанијата United Launch Alliance, чини 350 милиони долари. Исто така, Delta во орбитата може да понесе половина помалку товар отколку што може Falcon Heavy.

Лансирањето можете да го следите во живо на долниот линк со почеток од 19.30 ч. по македонско време: