Grok на Маск потпиша договор вреден 200 милиони долари со Пентагон, само неколку дена откако даде антисемитски изјави и го фалеше Хитлер.
Пентагон потпиша мултимилионски договор за да започне со користење на четботот за вештачка интелигенција на Илон Маск, наречен Grok, како дел од поширокото воведување на AI алатки за владата, потврди Министерството за одбрана на САД.
Договорот од 200 милиони долари, објавен од компанијата на Маск xAI, е дел од програмата „Grok for Government“ и е усогласен со иницијативата на администрацијата на Доналд Трамп за поагресивно усвојување на вештачката интелигенција.
Веста доаѓа само неколку дена откако Grok наиде на остри критики за објавување антисемитски пораки, вклучително и фалење на Адолф Хитлер, на мрежата X, социјална платформа во сопственост на Маск.
Компанијата xAI вели дека новиот договор ќе им даде на владините оддели на САД пристап до Grok 4, најновата верзија на четботот, како и прилагодени алатки за цели на националната безбедност.
Компанијата, исто така, планира да обезбеди техничка поддршка за класифицирани системи.
Пентагон, исто така, објави слични договори со компаниите Anthropic, Google и OpenAI – секој во вредност до 200 милиони долари.
„Усвојувањето на вештачката интелигенција ја трансформира способноста на Министерството да ги поддржува нашите војници и да одржува стратешка предност пред противниците“, изјави главниот службеник за дигитална технологија и вештачка интелигенција на администрацијата, Даг Мати.
Grok беше претставен кон крајот на 2023 година како поотворена алтернатива на другите чет-ботови со вештачка интелигенција како ChatGPT. Веќе е интегриран во социјалната мрежа X на Маск, порано позната како Twitter.