SpaceX и американската вселенска агенција NASA сакаат да откријат дали е можно да се испрати екипа на телескопот Hubble за да се продолжи неговиот животен век.

Заедничката студија ќе трае околу шест месеци, а ќе претставува соработка помеѓу NASA, SpaceX и Polaris програмата основана од милијардерот Џејсон Исакман. Претходно оваа година, Исакман купи три вселенски летови на вселенското летало Dragon на SpaceX, серија мисии што тој ги нарекува Polaris.

Сè уште е нејасно дали за патувањето до Hubble воопшто ќе биде потребен екипаж, дали автономните товарни капсули Dragon на SpaceX би биле подобро прилагодени за оваа работа и дали е воопшто возможно вселенското летало на SpaceX безбедно да го посети телескопот. Има многу непознати кога станува збор за оваа потенцијална мисија, па затоа не е чудно што заедничката студија е првиот чекор. Според договорот, НАСА и SpaceX ќе се фокусираат на „изводливоста на идејата за подигање на вселенскиот телескоп Hubble во повисока орбита со помош на вселенското летало Dragon, без трошоци за владата“.

Hubble е во ниска орбита на Земјата, така што веќе е посетен од вселенско летало во текот на неговиот 32-годишен животен век. Спејс шатлот на НАСА заврши пет мисии за поправка на телескопот Hubble, надградба на неговите компоненти и подигање на неговата орбита. Од последната мисија во 2009 година, орбитата на Hubble постепено се намалуваше бидејќи телескопот ги „допира“ надворешните рабови на атмосферата на Земјата. Сега е околу 30 километри поблиску до Земјата отколку во 2009 година. Подигнувањето на орбитата на телескопот би помогнало да се продолжи неговиот животен век.

НАСА не планира сама да го посети Hubble, кој се уште е во добра форма, а и без нова мисија ќе трае уште неколку години.

„Благодарение на подобрувањата и претходното сервисирање, очекуваме Hubble да остане оперативен до крајот на деценијата, ако не и во следната“, рече Патрик Круз, проект менаџер на вселенскиот телескоп Hubble.

Доколку новата мисија е изводлива и се биде одобрено, SpaceX би добил шанса да ги покаже своите способности на големата сцена. Со оваа мисија, компанијата би покажала дека може да работи на вселенска технологија која самата не ја дизајнирала.

„SpaceX гледа иднина каде што сме цивилизација на вселенски патувања. Тоа значи дека вселенските бродови летаат насекаде, има полнење гориво во орбитата, има вселенски станици од различни компании…“, рече службеничката на SpaceX, Џесика Џенсен.

Иако Hubble е донекаде засенет од фотографиите испратени од новиот телескоп James Webb на НАСА, тој продолжува да снима фантастични погледи на вселената. Во март ја забележа најстарата позната ѕвезда, а оваа недела ја фотографираше мисијата DART во која леталото удри во астероид.

„Hubble е неверојатно успешен, здрав и прави големи научни работи. Податоците собрани во ова истражување ќе бидат уште една алатка што човештвото ќе може да ја користи во идните научни мисии и да го задржи Hubble во првите редови на научните откритија“, изјави администраторот на НАСА, Томас Зурбухен.