Минатата година Android 12 дебитираше во октомври, но оваа година пристигнува на самиот почеток на втората половина на август. Во продолжение ви претставуваме преглед на главните новитети кои ги носи со себе новата верзија на Android.

Во однос на изгледот, најголемата промена се однесува на опцијата Material You, чиј механизам за создавање теми сега поддржува икони за апликации од трети страни. Ажурираниот медиа плеер автоматски го менува својот изглед врз основа на музиката или подкастот што го слушате.

Android 13 им овозможува на корисниците да го приспособат јазикот на апликациите, во смисла дека ќе биде можно да се постави посебен јазик за повеќето апликации, независно од јазикот на системот и другите апликации.

Начинот на работа за спиење (Bedtime mode) станува поприспособлив со затемнување на позадината и темна тема.

Кога станува збор за некои поставки за приватност и безбедност, апликациите веќе нема да пристапуваат до целата ваша медиумска содржина за споделување само една фотографија.

Понатаму, историјата на clipboard автоматски се брише „по одреден временски период“ ако копирате чувствителни податоци како вашата е-пошта, телефонски број итн. Самите апликации ќе мора експлицитно да бараат од корисниците да им дозволат да испраќаат известувања, наместо стандардно да ја имаат таа опција.

Spatial Audio сега е поддржано на Android, под услов да имате слушалки што ја поддржуваат функцијата head tracking. Поддржано е и Bluetooth LE Audio, но ќе ви требаат додатоци и за оваа функција.

Има и поддршка за HDR видео на апликации за камера од трети страни во Android 13, нов switcher за менување на излезот на звукот. Дополнително, наскоро ќе можете да копирате содржини како URL-адреси, фотографии и текст од телефонот со Android на таблетот со Android и обратно.

Google објави дека ажурирањето треба да биде достапно почнувајќи од вчера за поддржаните телефони Pixel (корисниците на серијата Pixel 6 веќе известуваат дека го примаат ажурирањето), како и телефоните од Samsung, Asus, HMD Global, iQOO, Motorola, OnePlus, Oppo, Realme, Sharp, Sony, Tecno, Vivo, Xiaomi и други.