Компанијата SpaceX изврши три вселенски мисии за помалку од два полни дена.

Последното од трите лансирања се случи на 19 јуни, кога двофазната ракета Фалкон 9 беше лансирана од Кејп Канаверал, Флорида, и го однесе во орбитата комуникациски сателит развиен од Глобалстар.

Првата фаза од ракетата потоа направи вертикално слетување на беспилотниот брод на SpaceX „Just Read The Instructions“ во близина на брегот на Флорида десет минути по полетувањето, а сателитот беше во орбитата по вкупно час и 50 минути.

Тоа беше трета мисија за помалку од 37 часа.

На 17 јуни SpaceX лансираше ракета со 53 сателити на Интернет мрежата Starlink од вселенскиот центар Кенеди на НАСА во Флорида, а на 18 јуни беше лансиран радарски сателит за германската армија од базата Вандерберг во Калифорнија.

Треба да се напомене дека за време на мисијата Starlink извршена во петокот, беше поставен рекорд за користење на првата фаза од ракетата Фалкон 9, која полета во орбитата и слета на Земјата по 13-ти пат.