На почетокот на овој месец, Microsoft објави дека го намалува обемот на својот бизнис во Русија. Претходно компанијата најави прекин на продажбата на своите нови производи во таа земја, како протест поради руската воена интервенција во Украина.

Руската новинска агенција ТАСС неодамна објави дека корисниците во Русија повеќе не можат да преземаат и инсталираат Windows 11, од официјалната веб-страница на Microsoft во таа земја.

Според извештајот, обидот за преземање на Windows 11 или 10 доведува до грешка „404 file not found“ или „directory not found“, иако се истакнува дека преземањето работи без проблеми кога локацијата се менува преку VPN.

Интересно е што алатката Media Creation може да се преземе без никакви проблеми, по што сепак ја пријавува грешката „0x80072F8F-0x20000“ и дополнителна порака.

Засега не е познато дали ова е дел од планот на Microsoft полека да ги повлече сите свои производи и услуги од Русија или се работи за технички проблем.

Според Министерството за дигитален развој од Русија, постојат големи шанси користењето на VPN, за надминување на разни ограничувања и санкции, да не биде казнето.