Според наводите на аналитичарот Минг-Чи-Ку, Apple ќе ја отфрли својата Lightning порта и ќе се префрли на USB-C на сите или можеби некои модели од линијата iPhone 15, кои се очекуваат во втората половина на 2023 година.

Уште од моделот iPhone 5, Apple го користи Lightning port на своите телефони и покрај фактот што поголемиот дел од индустријата се префрли на USB-C. Во својата последна објава на Твитер, Куо сугерираше дека Apple ќе ја одбие портата Lightning во текот на 2023 година.

Според неговите наводи, USB-C портата треба да ја подобри брзината на пренос на податоци на моделите на iPhone, како и да ја подобри брзината на полнење на батеријата на телефонот.

Една од можните причини зошто Apple реши конечно да се префрли на USB-C портата после толку години, е зголемениот притисок што го наметнува Европската Унија по ова прашање.

ЕУ продолжува да спроведува мерки и да носи регулативи кои на крајот ќе го принудат Apple да го прифати USB-C port на сите свои модели на iPhone, како и iPad и AirPods што се продаваат во Европа.

Поголемиот дел од линијата iPad на Apple веќе има USB-C за побрз пренос на податоци. Apple, исто така, може да одлучи да ги создаде своите уреди целосно без порти и целосно да се потпира на MagSafe за пренос на фајлови и полнење.