Извршниот директор на Tesla, Илон Маск на неговиот германски тим му дал уште шест месеци време за започнување со производство во новата фабрика во близина на Берлин, првата гигафабрика во Европа, пишува германскиот неделник Automobilwoche, повикувајќи се на извори од компанијата.

Портпаролката на Tesla одбива да го коментира извештајот, повикувајќи се на минатомесечното официјално соопштение на производителот на автомобили, според кое производството на локалитетот Груенхајд ќе започне кон крајот на 2021 година.

Првично, Tesla планираше да започне со производство на 1 јули 2021 година, но бирократијата и плановите за изградба на фабрика за батерии го одложија проектот.

Минатиот месец, Tesla остро ги нападна долготрајните регулаторни процеси во најголемата европска економија, велејќи дека нејзината рамка за одобрување е „директно спротивна на итноста за планирање и спроведување на такви проекти кои се неопходни за борба против климатските промени“.