Модерните системи за достава полека стануваат дел од секојдневието, а глобалната компанија за транспорт, доставување на пратки и логистика – UPS наскоро тоа ќе го прави со помош на електричните eVTOL летала.

UPS планира да ги користи леталата на компанијата Beta Technologies за доставување на пратки. Според планот на компанијата, околу 150 летала би требало да ги користат малите и средните бизнисии, компании за медицински услуги и други компании во малите заедници.

„Овие нови летала ќе ја унапредат оперативната ефикасност во нашиот бизнис, ќе отворат можности за нови услуги и ќе послужат како темел за идните решенија во намалувањето на емисијата на гасови кои настануваат во текот на нашите воздушни и копнени операции“, изјави претставникот на UPS, Хуан Перез.

Важно е да се истакне дека на eVTOL леталата за полетување и слетување не им се потребни аеродроми, затоа што тие ќе летаат директно од објектите на UPS. Исто така, од UPS нагласија дека нема да има вознемирување на населението затоа што овие летала создаваат минимална врева.

Дометот на eVTOL леталото изнесува 402 километри, достигнува брзина од 273 километри на час, а капацитетот на товарот изнесува 635 килограми. Полнењето на батериите трае помалку од еден час.

Актуелните летала што ги дизајнира Beta подразбираат присуство на пилот кој управува со системите, но во следниот период ќе бидат овозможени беспилотни, односно автономни летала.

Моментално во фаза на тестирање е прототипот Alia-250 кој користи четири пропелери за вертикално полетување и слетување, а има и заден пропелер за движење напред.

Според сегашните планови, UPS би требало да добие десет летала до 2024. година, а постои опција за купување до 150 летала.

Beta не е единствената компанија што се занимава со развој на eVTOL летака, бидејќи Volocopter ја најави својата eVTOL такси услуга за 2023. година, додека летачкото eVTOL такси на Lilium ќе полета во 2024. година.

Извор: Klix.ba