Меѓународен тим научници тврди дека ја разрешил мистеријата за Рупкунд, индиското „езеро на костурите“. Со децении истражувачите се обидувале да откријат како остатоците на стотици луѓе завршиле во езеро на Хималаите.

Остатоците се расфрлени наоколу и под мразот во близина на „езерото на костурите“. Во зависност од сезоната и времето, езерото, кое останува замрзнато поголемиот дел од годината, се шири и се намалува. Скелетите се видливи само кога снегот се топи и се прилично добро сочувани. До денес тука се пронајдени скелетни остатоци од 600 до 800 луѓе. Во туристичките промоции локалните власти го опишуваат како „мистериозно езеро“.

Повеќе од половина век антрополозите и научниците ги проучувале остатоците, останувајќи збунети поради неколку прашања: Кои биле овие луѓе? Кога умреле? Како умреле? Од каде биле?

Една од теориите вели дека остатоците се на индискиот крал, неговата сопруга и нивните помошници, кои починале во снежна бура пред 870 години, а друга дека остатоците им припаѓаат на жртви на епидемија. Трета теорија вели дека природна катастрофа што се случила во текот на 9 век убила група луѓе. Четврта теорија е дека некои од остатоците им припаѓаат на индиски војници кои се обиделе да го нападнат Тибет во 1841 година и биле претепани.

Претходните истражувања на скелетите откриле дека повеќето луѓе што починале биле високи – повеќе од просечниот раст. Повеќето од нив биле на средна возраст, на околу 35 и 40 години. Немало бебиња и деца. Некои од нив биле постари жени, а сите имале добро здравје.

Генерално, се претпоставуваше дека скелетите се од група луѓе што умреле одеднаш во еден катастрофален настан во текот на 9 век.

Ново истражување спроведено од истражувачи од Германија, Индија и САД ги побива сите овие теории. Научниците тврдат дека смртта се случила во различно време и дека некои луѓе починале и 1.000 години подоцна од другите.

Научниците велат дека најневеројатниот детал е тоа што луѓето кои го дочекале својот крај во езерото потекнувале од различни места. Една група на луѓе имала генетика слична на оние што денес живеат во Јужна Азија, додека друга група била „тесно поврзана“ со луѓето што денес живеат во Европа, особено со оние што живеат на грчкиот остров Крит.

Се чини дека луѓето што потекнувале од Јужна Азија не се од истата популација, велат истражувачите.

– Некои од нив имаат потекло што е почесто во групи од северот на потконтинентот, додека други потекнуваат почесто од јужните групи – вели Идоин Харни.

Иако истражувањето дава одговори на многу прашања, некои работи остануваат нерешени, а една од нив е како умреле овие луѓе. Не било пронајдено оружје во езерото, а генетичките истражувања покажале дека нема присуство на бактериски патоген што може да покаже дека починале од болест.