Понудата на брзо полнење на батеријата е актуелен тренд што го форисраат производителите на смартфони. Претходно во текот на годината, Oppo привлече внимание со објава на 125W UltraDART технологијата на брзо полнење, со која тврди дека 4000mAh батеријата може да ја наполни до врв за 20 минути. Покрај компанијата Oppo, свои 100W+ брзи полначи прикажаа или потврдија Realme, iQoo и Xiaomi.

Интересно е дека лидерите на полето на мобилните телефони, како што се Samsung и Apple, се уште не одлучиле да го следат овој тренд. Сепак, изгледа дека Samsung планира да ја претстави 65W технологија на брзо полнење за својот следен премиум смартфон од Galaxy S серијата.

Новиот полнач на Samsung ја носи ознаката на модел EP-TA865 и сертификуван е во Јужна Кореја. Листингот не споменува 65W капацитет на полначот, но на тоа укажува бројот на моделот. Засега не е познато дали Samsung планира да испорачува 65W полнач со следниот Galaxy S премиум модел (Galaxy S21 или Galaxy S30) или овој полнач ќе се продава засебно.

Актуелните премиум модели на Samsung – Galaxy Note 20 и Ultra – имаат поддршка за 25W брзо полнење, така што преминот на 65W би претставувал голем скок за следната флегшип линија на компанијата.