Компанијата Twitter објави дека хакерите во текот на вчерашните напади ги искористеле вработените со пристап до внатрешните сервери за да преземат контрола врз профили на многу познати личности, на кои објавувале пораки наместо нив.

„Истражуваме дали хакерите презеле какви било други криминални активности и дали тие имале пристап до други информации. Кога ќе имаме нови детали, ќе ја известиме јавноста“, соопштија од компанијата.

Twitter денеска објави дека хакерите пробиле во неговите сервери и хакирале некои од најистакнатите корисници на платформата, вклучувајќи ги и американскиот претседателски кандидат Џо Бајден, Ким Кардашијан, милијардерот Елон Маск и поранешниот претседател на САД, Барак Обама.

Компанијата на неколку часа го блокираше испраќањето пораки од многу профили, вклучително и официјализирани. Тогаш беше порачано дека пристапот ќе биде вратен кога ќе може да се гарантира безбедност.

Хакираните твитови ги повикуваа останатите корисници да ја удвојат својата заработка доколку испратат донации во криптовалути во точно определен „паричник за криптовалути“. Во неколку часа по почетокот на хакерскиот напад, околу 300 луѓе наседнале на измамата и испратиле биткоини во вредност од над 100.000 долари. Твитовите биле избришани неколку минути по објавувањето.

Извршниот директор Џек Дорси претходно изјави дека компанијата го утврдува проблемот.

„Тежок ден за Twitter. Жал ни е за ова што се случи“, рече Дорси. По веста за хакерскиот напад, акциите на Twitter паднаа на берзите за речиси пет проценти.

За време на упадот на хакерите многу познати корисници имале проблеми да раководат со својот профил. На пример, Елон Маск испрати нејасен твит за купување криптовалути, а потоа пораката исчезна. Малку подоцна, се појави нова порака за купување криптовалути, а по неа уште една.

Бајден, Гејтс и Маск цел на најголемата интернет-измама на Twitter