Медиумите од Јужна Кореја сугерираат дека годинашните Samsung Galaxy Note20 и Note20 Plus модели ќе се продаваат по нешто пониска цена од онаа која по објавата ја имаа Galaxy Note10 моделите минатата година. Преведено во долари, новите телефони ќе бидат за околу 40 долари поевтини.

Иако ова не претставува некое значајно поевтинување, секако се коси со предвидувањата на индустријата дека 2020 Note моделите ќе бидат поскапи од своите претходници. Намалувањето на цената делумно се објаснува со очекувањата на намалената побарувачка, предизвикана од пандемијата.

По објавата, Note 10 чинеше 950 долари/евра, додека Note10+ имаше цена од 1100 долари/евра. Новиот извештај не споменува дали поевтинувањето ќе биде применето и на глобалните пазари или се однесува само на Јужна Кореја.

И покрај пониските цени, Samsung наводно очекува послаба продажба на Galaxy Note20 серијата. Овие информации пристигнуваат откако и S20 линијата забележа послаби резултати поради финансиските проблеми, со кои купувачите моментно се соочуваат.

Galaxy Note20 линијата ќе биде претставена во текот на Samsung Unpacked настанот на 5. август, заедно со уште неколку уреди, а во продажба се очекува од 21. август.