Chrome браузерот има репутација како програм што ја исцрпува батеријата, посебно кога ќе се отворат голем број табови. За среќа, Google реши да го поправи тој проблем.

Новата, експериментална опција во Chrome 86 верзијата ќе биде задолжена за оптимизација на употребата на енергија, со гаснење на непотребните JavaScript тајмери и трекери, за сите табови кои се во позадина.

Се исппостави дека намалувањето на употребата на енергија на овој начин може да биде прилично големо. Google успеал да го продолжи векот на траење на батеријата за дури два часа, на тест каде што биле користени 36 отворени табови и еден празен таб во фокус. Во прашање е екстремна ситуација, но не и невозможна. Кај табовите со отворен YouTube, намалувањето е помало, но и резултатот од 36 дополнителни минути не е за фрлање.

Се верува дека оваа опција ќе стане стандардна во некоја од следните верзии на Chrome, а ќе биде достапна и за десктоп и за мобилната верзија на апликацијата. Ако тоа се случи, Google ќе успее да реши една од честите замерки на корисниците на преносни компјутери, од кои некои всушност поради тоа им даваат предност на конкурентските прегледници.