Словенечка авиокомпанија го произведе првиот електричен авион во светот, сертифициран од Агенцијата на ЕУ за воздухопловна безбедност (EASA), што значи дека ги исполнува безбедносните стандарди и може да се користи комерцијално.

Авионот на батерија, „Pipistrel Velis Elektro“ е мал двосед наменет е за обука на пилоти. Може да лета 50 минути, плус резерва, што е типично за употреба во школите за летање, пренесува Reuters.

„Почнавме да летаме со електрични авиони уште во 2007 година, и пред Velis Elektro направивме уште осум авиони. Ги утврдивме сите технички детали и ги зедовме во предвид мислењата на корисниците со цел да се направи сертифициран авион“, изјави директорката на Pipistrel за истражување и развој, Тина Томазиќ.

Сертифицираниот тип на авиони значи дека може да се користи без ограничувања во комерцијални цели, и тоа е навистина чекор напред за воздухопловството како целина и ќе овозможи електрификација и многу поголеми авиони.

Pipistrel оваа година би требало да испорача 31 Velis Elektro за клиенти во седум земји.

„Ова е возбудлив продор за воздухопловството. Ова е првиот електричен авион кој EASA го сертифицирала, но сигурно не и последен, затоа што авио индустријата следи нови технологии за намалување на бучавата и штетните емисии, и за подобрување на одржливоста на авионите“, истакна извршниот директор на EASA, Патрик Кај.

 Извор: N1info.com