Samsung случајно го објави својот следен премиум смартфон, еден месец пред неговото официјално претставување. На веб-страницата на компанијата за Note8 во Русија, Кина и Украина, се појавија фотографии од новиот телефон од Note серијата.

Според наводите на дојавувачот Max Weinbach, кој меѓу првите ги забележа фотографиите, се уште необјавениот уред всушност е Galaxy Note20 Ultra. Телефонот е прикажан во нова варијанта на боја, под името Mystic Bronze.

Фотографиите покажуваат дека Note20 Ultra изгледа ќе користи перископ телефото објектив. Како што може да се види, долниот објектив има нешто поинаков дизајн во однос на другите две камери на задната страна. Други информации за смартфонот не се познати во овој момент.

Сепак, тука се некои детали за останатите Note20 модели што се очекуваат оваа година. Според протечените информации од мај, Note20 и Note20+ ќе имаат дисплеи од 6,7 и 6,9 инчи. Исто така, би можеле да имаат и надграден процесор и RAM. Се очекува дека Samsung на почетокот на август ќе ја претстави Note20 серијата.