Над 300 милиони луѓе во светот во последните месеци се вклучуваа на Zoom платформата и преку неа работеа, одржуваа состаноци, но и контакти со пријателите и семејството додека сите беа изолирани во своите домови. Оваа апликација ги привлече корисниците со својата едноставност и квалитет на видео повиците, можноста за групни состаноци и споделување на екранот, но не е баш „светски првак“ според сигурноста и приватноста. Од појавата на првите посериозни проблеми, Zoom беше надграден и закрпен, па нема повеќе zoombombing, додадена е и енкрипција, но не во својата полна сила.

Сега за Ројтерс нивниот сигурносен консултант Алекс Стамос изјави дека Zoom планира да воведе и end-to-end енкрипција, но таа нема да биде достапна за сите 300 милиони корисници. Напротив, Zoom планира најбезбедните видео повици да им ги овозможи на големите и бизнис корисници, односно оние кои за користење на апликацијата – ќе плаќаат.

Освен нив, пристап до целосно криптирани видео конференции би можеле да добијат и активистите, политичките дисиденти и непрофитни организации, кои со борат за разните цели врзани со човековите права. Планот за воведување енкрипција која во целост би оневозможила прислушкување на разговорите е веќе во изработка, при што се водат од повратните информации на бројните експерти за приватност, но и технолошките, сигурносни и бизнис фактори.