Twitter го сокри постот на профилот на американскиот претседател, Доналд Трамп, затоа што го крши правилото со кое се забранува величање на насилството, пренесуваат агенциите.

Твитот не е отстранет, туку е покриен со предупредување и може да се види кога ќе се кликне.

Во предупредувањето се вели: „’Твитер’ одлучи дека во интерес на јавноста е твитот да остане достапен“.

Тоа е последниот заплет во спорот меѓу таа социјална мрежа и Белата куќа.

Трамп твитна за состојбата во градот Минеаполис, каде што протестираат неколку дена поради убиството на црнец од страна на полицаец.

Претседателот напиша дека ќе ја испрати Националната гарда и предупреди дека кога ќе почне грабежот, почнува и пукањето.

Друг твит беше покриен од Twitter затоа што го велича насилството.

Правилото за додавање предупредувања наместо бришење твитови беше воведено од таа платформа кон средината на 2019 година. Но, Twitter никогаш не го примени тоа за Трамп ниту, пак, некогаш избриша некоја негова објава.

Правилото значи дека другите корисници нема да може да лајкнуваат или да го повратат објавувањето, но ќе може да го повратат заедно со своите коментари.

Потегот на Twitter се случи неколку часа откако Трамп потпиша указ со кој се бара да се ограничи заштитата на социјалните медиуми и слободата што ја имаат при модерирање на нивната содржина.