Вкупното богатство на 25-те најбогати луѓе во светот се зголеми за 255 милијарди американски долари за два месеци, пишува „Форбс“.

За основачот на Facebook, Марк Цукерберг, оваа година, иако беше одбележана со кризата предизвикана од коронавирусот, беше исклучително успешна поради зголемувањето на цените на акциите на компанијата. Богатството на милијардерот се зголеми за 31 милијарди долари на 86,5 милијарди долари.

Како резултат на ова, Цукерберг стигна до четвртото место на листата на најбогатите луѓе во светот. Во април, тој се најде на седмото место на тој список.

Основачот на Amazon, Џеф Безос, кој во моментов е најбогат човек на планетата, заработи 29,9 милијарди долари во последните два месеци. Неговото богатство се проценува на 146,9 милијарди долари.

Коосновачот на Microsoft, Бил Гејтс заработи 11,9 милијарди долари, со што неговото богатство достигна 106,5 милијарди долари.

Во последните два месеци, своето богатство го зголемија и Бернард Арнаут, извршен директор на француската групација „Моет Хенеси Луис Витон“ (ЛВМХ), шефот на инвестицискиот фонд „Беркшир Хатавеј“, Ворен Бафет, еден од основачите на компанијата Oracle, Лери Елисон, поранешниот шеф на Microsoft, Стив Балмер и еден од основачите на Google, Лери Пејџ.