На концептот Polestar Precept треба да се базираат идните модели.

И додека Polestar 2 штотуку влезе во сериско производство, Precept е само најава за идните модели, но и демонстрација на современите технологии кои им се достапни на кинеско-шведскиот конзорциум.

Polestar 1 и Polestar 2 се дизајнирани од Volvo, додека ова е првиот производ кој потекнува директно од Polestar.

„Precept ја покажува нашата иднина. Тој не е некој ексклузивен сон или нешто од научно-фантастичните филмови. Тој е реалност која доаѓа“, вели Томас Ингенлат, првиот човек на компанијата.

Со овој концепт Polestar претставува достигнувања во три области: одржливост, дигитална технологија и, се разбира, дизајн. Приказната за одржливост најдобро ја отцртува ентериерот, изработен скоро целосно од рециклирани материјали. Така, тапацирот е создаден со рециклирање на пластични шишиња, додека за елементи на седиштата се искористени плутени чепови. Севкупно, учеството на пластика е намалено за 80%, а отпад за дури 50%.

Она што возачот го чека е рафиниран Android инфо-забавен систем од серискиот модел. Комбинацијата на два екрани со дијагонала од 15 и 9 инчи, се грижи за целокупната комуникација со системите на автомобилот. Исто така, специјалните сензори го следат однесувањето на сите патници, прилагодувајќи го целокупниот ентериер на возилото, вклучително и контрастот на гореспоменатите екрани.

Извор: Додај Гас