Брисел успеа (повторно) да ја остави без зборови технолошката индустрија, посебно безбедносниот сектор кој се фокусира на мерките на заштита на дигиталните производи, со посебен акцент на оние кои креираат системи за препознавање на лицето.

Имено, како што објави Euroactiv, Европската комисија разгледува забрана за оваа технологија на три до пет години за да се процени нејзиното влијание и потенцијалните ризици. На пример, српското Министерство за внатрешни работи купи уреди кои многу брзо го идентификуваат лицето на минувачите, а слично е и со останатите земји во регионот, вклучувајќи ги членките на Европската унија, како Хрватска. Можностите за употреба на технологијата се многубројни, но бројни се и потенцијалните начини на злоупотреба на фацијалното препознавање, и во Европа се плашат од ефектите на масовната употреба на оваа технологија во јавниот простор.

Поради ваквата ситуација Европската комисија размислува за привремена забрана за користење на технологијата за препознавање на лице во следните три до пет години. Во текот на овој период, регулаторните тела ќе пронајдат начини и ќе изгласаат нови закони со кои ќе забранат и ќе пробаат да ја спречат или барем минимизираат злоупотребата на оваа технологија. Исклучоци би можеле да бидат само безбедносните проекти и проектите на истражување и развој.

Новите правила на Европската комисија би се однесувале и на програмерите, односно лицата кои развиваат апликации базирани на користењето на вештачката интелигенција и препознавање на лицето, како и на самите корисници. Исто така, Европската комисија ги повика земјите од Европската унија на создавање посебни тела кои би го надгледувале спроведувањето на овие правила.