Apple почна со продажба на своите Mac Pro конфигураци, чија цена почнува од 5.999 долари. Ова се секако многу пари за просечните корисници, додека ќе им одговара на оние чија заработка зависи од тоа колку е брз нивниот компјутер.

Mac Pro е компјутер со голем потенцијал за прилагодување и надградба, а Apple на потенцијалните купувачи им нуди можности до налудничави нивоа – наскапата Mac Pro конфигурација чини 52.599 долари.

За тие пари добивате Intel Xeon W процесор со 28 јадра @2.5GHz (7000 долари), 4TB простор за складирање (1400 долари), две Radeon Pro Vega II Duo графички картички (уште 10.800 долари). Меѓутоа, веројатно најголемо изненадување претставува тоа што е можно да се додаде 1.5TB RAM. Тоа се дванаесет 128GB чипови DDR4 EEC меморија, а сето тоа чини дури 25.000 долари. Тука е и Afterburner PCIe акцелераторот на Apple од 2000 долари и тркалца за куќиштето од 400 долари.

Apple истакнува дека ваквата конфигурација нема да почне да се испорачува пред крајот на јануари. Секако, не треба да се заборави ни Pro Display XDR мониторот со цени од 5000, односно 6000 долари и неговиот сталак од 1000 долари.