Можеби мислите дека не може, дека земјотресите ја тресат земјата, а авионот толку високо на небото е безбеден. Но, не е така.

Пилот на авиокомпанија и инженер за воздухопловство вели дека земјотресите може да бидат „лоши вести“ за еден лет, користејќи го своето лично искуство како пример.

„Лошо влијаат врз летот. Јас еднаш сум искусил, беше прилично страшно“, изјави американскиот пилот Рон Вагнер. Тој се присетува на ноќниот лет кога управувал со авион што патувал од Вашингтон до Арканзас за да земе ВИП-личност.

„Беше ноќ и имаше временска прогноза за облачност. Во внатрешноста на облаците не видовме ништо друго освен црнило – во тие услови, прозорците од кокпитот изгледаат како да биле бојадисани со црна боја. Одеднаш, излеговме од облакот. Под нив беше кристално чисто и можевме да видиме светла на многу километри, вклучувајќи ги и светлата на пистата и ротирачкиот светилник. Известивме дека пристапуваме кон контролата и дека го имаме аеродромот на видик, ни беше дозволен визуелен пристап и се свртивме кон пистата“, раскажува пилотот.

Потоа, како што наеднаш се појавија светлата, така повторно настапи црнило.

„Претпоставивме дека повторно влеговме во облак, така што ја повикавме базата и ја известивме дека изгубивме вид и сакавме да ги продолжиме векторите. Но немаше никаков одговор. Потоа ја проверивме позицијата на нашите навигациски инструменти, но забележавме дека има црвени знамиња, што значи дека сигналот со земјата беше изгубен. Повторно ја повикавме базата. Повторно немаше одговор. Забележавме дека транспондерот не трепка повеќе, што значеше дека радарот не нè забележува.

Повторно се јавивме. Повторно не добивме одговор“, раскажува пилотот. И токму во моментот кога сакале да ја променат фреквенцијата, возбуден контролор го повикал авионот.

„Рече дека имало голем земјотрес што ја прекинал струјата. Им било потребно некое време за повторно да се врати радиото. Од нас побара да орбитираме визуелно сами, додека се пушти радиото. Тоа беше најстрашниот дел, бидејќи не видовме ништо друго освен црнила“, раскажува Вагнер.

„Продолживме да орбитираме – не гледавме буквално ништо, освен црвената светлина од нашите инструменти за летање. Конечно светлата на аеродромот се пуштија. Контролорот ни рече да продолжиме да орбитираме додека да провери дали на пистата има пукнатини. Неколку минути подоцна ни кажаа дека пистата е во ред, па конечно слетавме“, раскажува пилотот.

Но дали патниците ќе забележат или ќе почувствуваат нешто ако летаат во авион за време на земјотрес? Веројатно не.

Извор: news.com.au