Гејминг индустријата цвета, заработката оваа година ќе ги собори сите рекорди

Заработката од видео игрите оваа година ќе изнесува над 148 милијарди долари.

Индустријата на видео игрите продолжува да расте со исклучително брзо темпо, а тоа најдобро го отсликува растот на вкупната заработка од година во година.

Најновиот извештај на платформата Newzoo која се занимава со прибирање и анализа на податоци околу заработката од видео игрите, открива дека истата ќе достигне неверојатна сума од 148,8 милијарди долари.

Во однос на заработката остварена минатата година, сега е забележан раст од 9%, што воопшто не е малку кога се во прашање бројки со девет нули.

Извештајот открива дека дури 47% од заработката доаѓа од азискиот континент. Секако, најголема заработка има на кинескиот пазар, па и покрај разните обиди на кинеските власти да го ограничат гејмингот, американскиот пазар и оваа година не успеа да ги надмине конкурентите од Истокот.

Врз основа на податоците, се претпоставува дека до 2022-ра година ќе биде достигната годишна заработка од 180 милијарди долари и дека на тоа поле ќе води гејмингот на мобилните телефони и конзолите со висока стапка на раст од година во година. Од друга страна, растот кај игрите за компјутери ќе се движи бавно.
Секако, ова е само извештај и постои шанса бројката да биде надмината со оглед на тоа што ни претстои сезоната на празници кога традиционално ќе се купуваат на големо не само игри, туку и нови гејминг конзоли, компјутери и слични геџети.