Playstation 5 може повторно да донесе кертриџи во конзолата

Sony поднесе апликација за патент кој го опишува Playstation 5 со заменливи SSD кертриџи. Тие засега постојат само во рендерите што Sony ги приложи на патентната пријава, но укажува дека компанијата планира да понуди свои заменливи SSD дискови со PS5. На рендерите се гледа информацијата дека кертриџите би можеле да имаат капацитет помеѓу 1 TB и 3 TB.

Според пријавата, слотот за овие заменливи SSD ќе биде лесно достапен, што укажува дека сопствениците на PS5 конзолите ќе можат да имаат повеќе и полесно да ги менуваат. Со други зборови, веќе нема да биде потребно да се бришат старите игри за да се стават нови на дискот, но ќе биде доволно да се докупи и замени кертриџот во конзолата.

Sony веќе ја демонстрираше брзината на своите SSD дискови вградени во PS5, кои ќе обезбедат најголема разлика во перформансите во однос на PS4, односно многу побрзо, речиси инстант вчитување на игрите. Ако Sony реши да ја задржи оваа варијанта во финалната верзија на конзолата, корисниците ќе можат да ја купат поевтината верзија со помалку простор за складирање, при што подоцнежната надградба би била целосно безболна.

Придобивките за Sony се јасни. Компанијата би можела да создаде своја платформа за складирање која обезбедува брзи и сигурни перформанси, но во исто време би отворила и нов пазар, бидејќи покрај конзолите би можела засебно да продава и SSD дискови. Сето ова ќе придонесе за зголемување на приходите од хардвер на долг рок.