Додека испораката на смартфони е во застој во последните неколку квартали, паметните часовници се во експанзија. Новите податоци од компанијата Strategy Analytics покажуваат дека категоријата паметни часовници испорачаla 14 милиони уреди во текот на третиот квартал. Ова претставува раст од 42 проценти во однос на истиот период лани.

Како што и се очекуваше, Apple доминира во категоријата паметни часовници, при што Apple Watch држи 47,9 проценти од пазарот, односно компанијата испорачува 6,8 милиони уреди низ целиот свет. На второ место, но со големо заостанување е Samsung, кој држи 13,4% од пазарот и испорачал 1,9 милиони паметни часовници во текот на третиот квартал. Сепак, јужнокорејската компанија забележала најголем годишен раст на испорака на часовници, со пораст од 73 проценти. Fitbit е на третото место, со удел на пазарот од 11,3 проценти.

Google неодамна го купи Fitbit, а ќе биде интересно да се види како компанијата во иднина ќе го користи неговиот екосистем на паметни часовници. Исто така, останува да се види дали и натаму ќе продолжи актуелната силна продажба на Samsung, но ништо од ова не би требало да ја наруши доминацијата на Apple на пазарот на паметни часовници.