Заедно со Pixel 4 смартфоните, Google ја претстави и новата генерација на слушалки Pixel Buds, кои сега се целосно безжични и нудат полесен пристап до виртуелниот асистент на Google. Моделот вклучува микрофони со широк опсег кои овозможуваат препознавање на гласовни команди за активирање и контролирање на Google Assistant, како и за остварување на мобилни повици. Секоја слушалка вклучува и специјално дизајнирана батерија и звучник.

Од компанијата велат дека кога се ставаат во уво, се добива квалитетна изолација, што е балансирано со додавање на амбиентален шум преку специјални отвори во структурата. Слушалките можат да ја прилагодат јачината на звукот кон околината, а може да се прилагодат и преку говорни команди.

Вградените батерии обезбедуваат траење на батеријата до 5 часа со едно полнење, а преку кутијата за складирање, корисниците можат да добијат уште до 19 часа. За поврзување со паметен телефон и други уреди се потпираат на Bluetooth, а според Google, корисниците можат да сметаат на опсег од цели 110 метри на отворено или преку три простории во затворен простор.

Слушалките ќе бидат по цена од 179 долари и ќе бидат достапни следната пролет во неколку бои – портокалова, зелена, бела и црна боја. Продажбата ќе почне во Австралија, Канада, Франција, Германија, Ирска, Италија, Јапонија, Сингапур, Шпанија, Велика Британија и САД.