Она што се забележува оваа година е целосно нов феномен, кој научниците се уште не успеаја потполно да го сфатат.

Озонската дупка што секоја година се отвора над Антарктикот е на пат да стане најмала во последните три децении, велат научниците.

Но, она што не е јасно е чудниот облик што го добила дупката во текот на овие години – движејќи се кон Јужна Америка наместо да се центрира на Јужниот Пол.

Тој редок облик, кој не е забележан досега, посочува на значителна дисторзија на вообичаениот поларен вортекс, кој е одговорен за одржување на ниските температури во стратосферата.

Дупката моментално е двојно помала отколку што била кон средината на септември и можеби веќе ја достигнала својата максимална големина, нешто помала од Антарктикот.

Озонот е молекул што се состои од три атоми на кислород и е одговорен за филтрирање на штетното ултравиолетово зрачење од Сонцето. Гасот се создава и се распаѓа во стратосферата, 20 до 30 километри над Земјата.

Во чиста атмосфера, циклусот на производство и распаѓање е во рамнотежа. Но, него го дисбалансираат хемикалии кои содржат хлор и бром, што резултира со пад на концентрацијата на озонот, најмногу во антарктичкиот прстен во септември и во ноември.

Протоколот од Монтреал потпишан во 1987 година се обидува да ја подобри ситуацијата така што ги забранува производството и употребата на хемикалии, кои најмногу ја оштетуваат озонската обвивка.

Озонската дупка минатата недела опфаќаше 5 милиони квадратни километри, а во истиот период лани повеќе од 20 милиони. Во 2017 година се простираше на повеќе од 10 милиони квадратни километри, што значи дека варира секоја година.

Услови за распад на озонот се појавуваат секоја година кога Антарктикот излегува од зима, а реакција поттикнува новото појавување на сончевото време во студената стратосфера.

И додека процесот на намалување на обвивката оваа година започна порано од вообичаено, тој беше скратен од неочекуван топлински настан, кој температурата во стратосферата ја зголеми за 20 до 30 степени, дестабилизирајќи го процесот на распаѓање на озонот, објаснуваат експертите.

– Повремено доаѓа до аномалии на Антарктикот, но никој не знае што точно го предизвикало необичниот облик на озонската дупка оваа година. Тоа секако е нов феномен – вели научникот Ана Џонс.

Извор: Express.hr