Кинескиот милијардер Џек Ма, кој долго време беше отворен поборник на екстремната кинеска работна култура, сега вели дека луѓето би требало да работат само 12 часа неделно.

Таквото работно време може да се воведе благодарение на предностите на вештачката интелигенција.

“Луѓето би можеле да работат само три дена во неделата, и тоа по четири часа дневно со помош на напредокот на технологијата и реформите во образовните системи”, изјавил соосновачот на “Алибаба” на глобалната конференција за вештачка интелигенција што се одржа во Шангај.

Тој на сцената зборувал со Илон Маск, извршен директор на американската компанија “Тесла”, која гради производствени капацитети во градот.

Џек Ма ја навел електричната енергија како пример за тоа како развојот на технологијата може да обезбеди простор за слободно време.

“Моќта на електричната енергија е во тоа што им овозможува на луѓето послободно време, време за да одат на караоке или на танц. Мислам дека поради вештачката интелигенција, луѓето ќе имаат уште повеќе време да уживаат во животот”, смета Ма.

“Во наредните 10-20 години, секое човечко суштество, држава, влада, би требало да се фокусираат на реформите во образовните системи, обезбедувајќи им работа на нашите деца, работа за која се потребни само три дена во неделата, четири часа дневно”, додал милијардерот.