Со години наназад, Samsung во февруари или март ја претставува новата Galaxy S линија телефони, додека новата генерација на Galaxy Note обично се претставува во текот на летото. Ако може да им се верува на неодамнешните гласини, оваа пракса наскоро ќе биде променета.

Во текот на една од претходните конференции за новинари посветена на Galaxy S10 серијата, официјалните лица од Samsung изразија сомнеж дека следната година ќе се појави Galaxy S11. Со други зборови, идните Galaxy S уреди најверојатно поинаку ќе бидат брендирани. Од компанијата, исто така, пристигнаа информации дека заокружената бројка во името на актуелната S серија е вистинско време да се изврши унифицирање на брендот, а неофицијално се споменува дека тоа би се направило со спојување на Galaxy S и Galaxy Note линиите производи.

Оваа одлука дефинитивно има смисла. Кога се појавија Galaxy S и Galaxy Note сериите, постоеше јасна линија на раздвојување помеѓу нив. Со време, посебно по појавата на Galaxy S6 и Galaxy Note 5 моделите во 2016. година, разликите толку се намалија, што постоеја јасни преклопувања помеѓу овие две линии. Денес можеме да кажеме дека Galaxy Note во суштина е Galaxy S со додадено S Pen пенкалце. Најважно е дека покрај потрошувачите, конечно и Samsung го сфати овој факт.

Се уште нема официјална потврда дека ова спојување на брендовите навистина ќе се случи, но судејќи според се, во компанијата сериозно се размислува за тоа. Меѓу (неофицијалните) имиња за наследникот на овие две линии производи се споменува Galaxy One линијата, која би можела да ја здогледа светлоста на денот во текот на 2020. година.