Три од најголемите производители на паметни телефони во Кина и во светот – Oppo, Vivo и Xiaomi, ќе бидат партнери, со цел да развијат нов протокол за безжично споделување на фајлови, кој ќе биде интегриран во нивните кориснички интерфејси, базирани на Android.

Во протоколот ќе се користи Bluetooth за спарување на уреди и треба да достигне брзина до 20MB во секунда, што укажува дека ќе се потпира на Wi-Fi технологија слична на системот AirDrop на Apple.

Според објавата на Xiaomi на WeChat, секој производител може да се приклучи на новиот развој. Првата бета верзија на протоколот се очекува да биде достапна до крајот на овој месец.

Во моментов, Huawei има слично решение – Huawei Share, а Google се очекува да воведе Fast Share со Android Q. Сепак, тоа ќе биде дел од Google Play Services, што се чини дека е причина за алтернативниот развој на трите компании, кои до крајот на вториот квартал имаат 49% од пазарот на паметни телефони во Кина.