Научници изјавија дека се шокирани од големиот број честички кои се пронајдени на Арктикот, повеќе од 10.000 во литар, пренесува BBC. Дури и на Арктикот микроскопските честички од пластика паѓаат од небото со снегот.

Овој регион се смета за еден од последните недопрени опкружувања во светот. Германско-швајцарски тим истражувачи го објави истражувањето во Science Advances. Во снегот, исто така, се пронајдени други честички и влакна.

Истражувачите собрале примероци снег од Свалбард, а во лабораторија во Германија откриле дека содржи поголем број честички од очекуваното. Повеќето честички биле толку мали што не може да се утврди од каде потекнуваат. Откриено е дека се состојат од природни материјали како растителна целулоза и крзно од животни. Имало и честички од пластика, заедно со фрагменти од гума, лакови, боја и синтетички влакна.

„Очекувавме дека ќе најдеме некоја контаминација, но тоа што пронајдовме толку микропластика е вистински шок. Очигледно е дека микропластиката во снегот доаѓа од воздухот. Не знаеме дали пластиката ќе биде штетна по здравјето на луѓето или не, но мораме да водиме сметка за начинот на кој ја третираме нашата средина“, вели д-р Мелани Бергман, водечки научник на студијата.

Научниците исто така анализирале и снег од локации во Германија и Швајцарија, а примероците од некои области земени во Германија покажале поголеми концентрации отколку на Арктикот.

Извор: ScienceMag