Концернот „Калашников“ направи нов електромобил за каршеринг

Според конструкторите, автомобилот ќе биде погоден и за движење на територијата на големите компании.

На седмиот Меѓународен Евроазиски форум „Такси“ (МЕФТ) што се одржува во Москва, групата компании „Калашников“ го претстави електромобилот UV-4 наменет за пазарот на такси услуги, беше соопштено во петокот на сајтот „Калашников media“.

„Групата компании „Калашников“ го претстави електромобилот UV-4 за пазарот на такси услуги. Моделот на електромобилот беше покажан во рамките на изложбената експозиција на најновите модели автомобили специјализирани за такси“, се наведува во соопштението.

Овој електромобил, како што наведува производителот, се одликува со тоа што не прави трзаи кога се движи и има мало ниво на ризик од избивање пожар или експлозија во случај на судир. „Предвиден е за претпријатија по чиј круг мора да се поминуваат поголеми растојанија, како и за компании кои се занимаат со каршеринг“, се вели на сајтот.

Електромобилот со моќност од 50 киловати развива брзина од 80км/ч, а без дополнување на акумулаторот може да помине 150 км. Тежок е 650 кг, долг 3,4 м, широк 1,5 м и висок 1,7 м.

Како што соопшти агенцијата ТАСС, претходно концернот „Калашников“ на меѓународниот военотехнички форум „Армија 2019“ го претстави електромобилот „Овум“ од новата генерација.

Извор: Russia Beyond