Huawei Mate 30 и Mate 30 Pro пристигнуваат на 19. септември со Kirin 990

Досега многу работи дознавме за Huawei Mate 30 и Mate 30 Pro телефоните, иако ништо официјално не е објавено за датумот на претставување и достапноста на уредот. Сепак, сајтот Mail.ru сугерира дека два Mate 30 модела ќе бидат официјално претставени на 19. септември во Европа.

Наводно, оваа информација пристигнува дискретно од Wang Chenglu – претседател на Huawei Consumer Business Software одделението. Исто така, се сугерира дека и Chenglu споменал дека новиот Kirin 990 чипсет ќе ги покренува Huawei Mate 30 и Mate 30 Pro.

Ова претставува нова и контрадикторна информација, со оглед на тоа дека претходните гласини го споменуваа чипсетот Kirin 985. Секако, можно е да е во прашање истиот чипсет, само со поинакво маркетиншко име во текот на процесот на развој.

Во секој случај, се очекува дека чипсетот ќе биде промовиран како 7nm+, EUV модел, а ќе овозможува за 20 проценти подобра густина на транзисторите и се очекува дека ќе има значајно помала потрошувачка. Новиот Kirin чипсет би требало да има и вграден 5G модем.

Се очекува дека Mate 30 Pro ќе има 6.7-инчен, 90Hz, AMOLED екран, како и 55W опција на полнење, сензор за отпечатоци од прсти под екранот и два големи 40MP сензори за камерите на задната страна. Голем дел од овие карактеристики се очекуваат и на стандардниот Mate 30 модел.