Се работи за периодот меѓу 9 и 19 јули во кој апликацијата е преземена 6,5 милиони пати. Најголемиот приход од 746000 долари на FaceApp ѝ донесоа корисниците на Apple.

Апликацијата FaceApp заработи во екот на најголемата популарност во средината на јули оваа година (кога интернетот експлодираше од фотографиите што ги објавуваа познатите личности и обичните корисници, користејќи ги филтрите на оваа апликација за да дознаат како ќе изгледаат кога ќе бидат во поодминати години) преку еден милион долари, пишува магазинот „Форбс“, повикувајќи се на податоците на компанијата App Annie која се занимава со анализа на мобилни апликации.

За целото време на постоење апликацијата FaceApp, која се занимава со обработка на фотографии, дизајнирана 2017 година, беше симната 73,2 милиони пати и заработи 11,6 милиони долари, пишува „Форбс“.

Според податоците заклучно со 19 јули, како што наведуваат авторите на апликацијата, FaceApp се наоѓа на првото место на платформата App Store во 154 од 155 земји. Во Кина апликацијата FaceApp го зазема петтото место.

Апликацијата FaceApp е развиена од руската компанија Wireless Lab. Основач на компанијата е поранешниот соработник на „Јандекс“ Јарослав Гончаров.