WhatsApp ќе биде достапен и на милиони обични телефони

Популарната апликација за размена на пораки, WhatsApp отсега ќе биде достапна и на обичните телефони, кои не работат на Android или iOS. Во светот и натаму постои огромен пазар на телефони со основни функционалности, кои дозволуваат инсталирање на поедини апликации. Тоа се смартфони кои чинат неколку десетина евра и на нив најчесто се наоѓа KaiOS, а досега се продадени повеќе од 100 милиони. За овој OS постои и продавница, и на неа ќе се најде WhatsApp.

Основниот услов е KaiOS телефонот да поседува 256 MB RAM. Многу идни телефони од оваа група ќе имаат преинсталиран WhatsApp, а првиот модел кој ќе го има е JioPhone, кој од септември ќе биде достапен на индискиот пазар.

Овој потег на WhatsApp ќе овозможи да се премости еден сериозен јаз. Паметните телефони се доминатни и во светот ги користат повеќе од 1,5 милијарди луѓе. Меѓутоа, постојат голем број корисници ширум светот кои не се во можност да купат паметен телефон, или едноставно не сакаат. Новиот WhatsApp ќе им помогне не само да комуницираат со пријателите и роднините, туку ќе им отворат и нови деловни можности.