Долгоочекуваната индиска мисија на Месечината беше одложена утринава непосредно пред лансирањето поради технички проблеми, јави Индиската вселенска агенција (ИСРО).

„Технички проблем беше забележан на системот за лансирање на 56 минути пред планираното лансирање. Како мерка на претпазливост, лансирањето на Chandrayaan 2 за денеска е одложен“, објави ИСРО на „Твитер“. Новиот датум за лансирање ќе биде објавен подоцна.

Мисијата, доколку е успешна, ќе ги зајакне индиските аспирации да им се доближи на водечките земји во светот во истражувањето на вселената и на комерцијалниот пазар за вселенски летови.

Индија, доколку успешно ја заврши мисијата, ќе стане четвртата земја по САД, Русија и Кина, која успеала да изведе „меко“ односно контролирано слетување на Месечината.

Ова е трет обид за слетување на Месечината оваа година, по успешната мисија на кинеското летало Chang’e-4, како и неуспехот на израелската сонда Beresheet која се урна на површината на Месечината.

Индиското летало требаше да биде лансирано од тропскиот остров во државата Андра Прадеш. Индија потрошила околу 150 милиони долари за развивање на Chandrayaan 2.