На меѓународната економска изложба „ИННОПРОМ 2019“ што се одржува во Екатеринбург, Научно-производственото претпријатие за автоматика (претпријатие на „Роскосмос“) претстави прототип на трактор без возач.

Првиот човек на „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин претходно го најави производството на самовозечкиот „медицински“ трамвај „Челјабински метеор“ во соработка со компанијата „Инвитро“.

Ќе се склопува, како што се очекува, во погоните на Фабриката за производство на вагони во Уст-Катав (исто така претпријатие на „Роскосмос“). Овој трамвај со Wi-Fi и медицинска опрема наменет за руските региони ќе им овозможи на граѓаните да користат основни здравствени услуги, на пример, на патот до работа. По самовозечкиот трамвај следеше претставување на трактор без возач.

Прототипот на самоуправувачкиот трактор ја нема вообичаената опрема за рачно управување, кабина, волан и педали. Возилото се движи независно и може да ја одреди локацијата на теренот благодарение на инсталирањето на неколку системи развиени во Научно-производственото претпријатие за автоматика.

За движењето е одговорен специјалниот контролор кој ги добива од сателит и ги обработува неопходните информации за одредување на рутата.

Електронскиот мозок самиот донесува одлуки и е способен да учи во процесот на работа, акумулирајќи ги сознанијата. Вештачката интелигенција на возилото осигурува негово безбедно движење по траекторија со оптимални брзини, се наведува во материјалот за печатот.

Во просторот се ориентиран со помош на специјални камери со функција за прецизно возење, машинскиот вид ги дефинира пречките и го одредува патот на движење на земјоделската техника. Како што се нагласува, тракторот без возач е поврзан со системот за корекција на сателитскиот сигнал, кој обезбедува прецизност до десет сантиметри.