FTC го казни Facebook со пет милијарди долари

Федералната трговска комисија (FTC) на САД и Facebook усогласија казна за социјалната мрежа во висина од пет милијарди долари поради незаконско споделување лични податоци на 87 милиони корисници со британската фирма Cambridge Analytica, објавија некои американски медиуми.

Во договорот за исплата на највисоката парична казна за некоја технолошка компанија досега, се наведуваат и други ограничувачки мерки во работата на социјалната мрежа.

Паричната казна наложена од FTC берзите ја примија како добар знак за Facebook – откако се прошири информација за тоа акциите на компанијата се зголемија за два отсто.

Од Facebook претходно посочија дека биле измамени од Cambridge Analytica која ги користела податоците на корисниците за политички проекти. Неодамна, Конгресот на САД соошти дека компанијата споделувала кориснички податоци со 52 компании.

Основачот на социјалната мрежа, Марк Цукерберг, призна дека биле направени сериозни грешки во заштита на личните податоци и приватноста на корисниците.