Од холдингот „Роселектроника“ (дел од корпорацијата „Ростех“) соопштија дека е создаден интегриран систем за врска врз база на нов команден систем со вештачка интелигенција кој веќе се применува на бродовите на Воената морнарица на Русија.

Холдингот го претстави овој проект во рамките на Меѓународната военопоморска изложба што се одржува од 10 до 14 јули во Санкт Петербург.

„Државата е заинтересирана за интегрираниот систем за врска така што тој во наредните децении ќе стане основа на врската во Воената морнарица. Сега со овој систем е опремена цела низа воени бродови од различни проекти, а склучени се и договори за идни испораки“, ги пренесува агенцијата РИА „Новости“ зборовите на Владимир Березовски, генерален директор на Омскиот научноистражувачки институт за уреди (дел од холдингот „Роселектроника“), каде што е направен системот.

Тој истакна дека системот опфаќа средства за врска кои обезбедуваат воведување на технологијата на програмски избор на радиосигнали во системот за врска на Воената морнарица, со што е овозможено додавање нови функции и проширување на можностите на опремата со унапредување на софтверот.

Програмата самостојно прави распоред на работата на системот за врска, ја проверува достапноста на радио-каналите и ја прилагодува апаратурата за работа во избраната радио-мрежа, а исто така обезбедува и премин за користење на некоја друга врска во случај на потреба.