Младите се борат против стресот со отворање повеќе профили на Instagram (ВИДЕО)

Сè почесто корисниците на Instagram отвораат барем три профила: деловен, обичен и лажен. На тој начин тие ги филтрираат информациите и помалку се грижат за тоа дали некој ќе го види она што не би требало да го види.

Уште од мали нè учат да бидеме свои. Тоа е убава мисла, но да се биде свој и да се остане на тоа, не е баш лесно. Што ако поради тоа нè исмеваат и нè прогласат за чудаци? Така размислуваат многумина, па дури и припадниците на генерацијата „Z“, и покрај нивната наклонетост за документирање на животот на социјалните мрежи. А тие нешта создаваат и главоболки и стрес.

Но, се чини дека тинејџерите пронашле решение кога станува збор за комуникација со виртуелните странци. Тие стресот поврзан со социјалните мрежи го избегнуваат така што различни аспекти од нивните животи ги разделуваат со отворање повеќе профили на Instagram.

Денес Instagram е можеби најважната интернет-платформа за млади. Истражување на „Бизнис инсајдер“ спроведено меѓу 1.884 Американци на возраст од 13 до 21 година покажало дека 64,59 отсто од испитаниците секој ден го проверуваат Instagram. Платформата, која е во сопственост на „Фејсбук“, ги остави далеку зад себе сите други социјални мрежи освен „Јутјуб“, кој секојдневно го следат 62,48 отсто од испитаниците.

– Принудени сте да го делите својот живот со другите. Својот живот го претворате во фотографии и снимки – вели 20-годишната Ајнор Елкасаби.

Нејзината сестра Пери, која има 15 години, вели дека не ги ни познавате тие луѓе, а сепак им дозволувате да го видат она што им го покажувате на своите пријатели.

Поради тоа, таа ги избришала старите објави на Instagram и сега користи „Снепчет“. Но, Ајнор и понатаму се држи до Instagram, каде што има три профили: деловен, обичен и лажен.

Поделбата на профилите на различни категории го менува начинот на кој ве гледаат познајниците, пријателите и колегите. Можеби не сакате некој странец или работодавец да ја види таа смешна фотографија од одмор, но секако сакате да им ја покажете на пријателите. Од друга страна, можеби не сакате да ги бомбардирате пријателите со нешта поврзани со кариерата, но би сакале да им ги покажете вашите достигнувања.

Ајнор е дизајнерка на интериер, па го користи професионалниот профил за таму да ја претстави работата – тој ѝ служи како некој вид интернет-портфолио. Нејзиниот главен профил е местото каде што става кул нешта. Но, тоа секако не е платформа за целосно опуштање и повеќе личи на внимателно цензурирана верзија на реалниот живот.

За тоа постои Finsta, кој Ајнор го опишува како Instagram каков што навистина треба да биде. Тоа е профил резервиран за апсурди, мемиња и забава.

– Имам 20 пријатели на Finsta. Тоа се блиски пријатели со кои можам да споделам луди нешта – вели таа.

Извор: Tportal.hr